Стравот од зголеменото производство во САД ја спушти нафтата кон 56 долари

Цените на нафтата се лизнаа во понеделникот на меѓународните пазари кон 56 долари, притиснати од стравувањата дека засиленото американско производство би можело да го неутрализира ефектот на договореното намалување на снабдувањето на пазарите меѓу земјите членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и главните производители надвор од картелот.



На лондонскиот пазар цената на барелот падна за 1,08 долари во однос на претходното затворање, и изнесува 56,02 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по цел долар пониска цена, од 52,99 долари.

Одвоено OPEC во понеделникот објави дека цената на барелот референтна кошничка негова нафта во петокот изнесувала 53,50 долари, што значи дека била за 48 центи повисока отколку претходниот трговски ден.

Пазарите на почетокот од седмицата ги притисна податокот на специјализираната компанија „Baker Hughes“ дека американските компании десетта седмица со ред го зголемуваат бројот на дупчењата, на вкупно 529.

Аналитичарите на британската банка „Barclays“ проценуваат дека до крајот на годинава ќе ги има 850 до 875, проценувајќи дека потрошувачката на истражувањата и производството во Северна Америка во тој период ќе се зголеми за 27 отсто.

Тоа, пак, ги поттикна стравувањата дека зголеменото американско производство ќе ги поткопа настојувањата на земјите од OPEC и неколку независни произведувачи, вклучително и Русија, да го намалат снабдувањето.

„Забележуваме дека оптимизмот во врска со намалувањето на производството коешто го подготвуваат OPEC и земјите надвор од оваа организација го неутрализираше податокот за зголемениот број бушотини кој е објавен во петокот а влијае на пазарите и во понеделникот“, вели за Reuters Ханс ван Клиф, од банката „ABN Amro“.

Дополнително врз цените на нафтата на почетокот од втората седмица во годината ги притисна посилниот долар, кој ја намалува куповната моќ на оние што ги поседуваат другите валути и со тоа ја кочи побарувачката, Доларот скокна под влијанието на очекувањата дека американската централна банка поинтензивно ќе ги подигнува клучните каматни стапки во оваа година./извор:Макфакс

Loading...