Зошто и покрај спасувачките програми Грција не излегува од кризата?

Грција се врати во рецесија. Бруто домашниот производ на земјата се намали за 0,1% во првите три месеци од 2017 година, што по падот од 1.2%, регистриран во последниот квартал на 2016 година, предизвика дополнително намалување на економијата.

 

 

Според податоците на Евростат, ова е првпат грчката економија да регистрира пад по 2012 година, и трет пат од 2010 година.

 

Според економската теорија, ако во два едноподруго квартали има пад на БДП, се нарекува рецесија. Во оваа ситуација, сепак, бројките навистина шират страв.

 

Зошто? И покрај трите спасувачки пакети на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд ( т.н, тројка) во 2010, 2012 и 2015 година макроекономските показатели на Грција личат на оние на земја во која има вооружен конфликт. Нивото на сиромаштија е алармантно, невработеноста во земјата одамна го надмина 25%, а јавниот долг се врти околу 200% од БДП.

 

Но, ако ситуацијата е критична, тогаш каква беше користа од трите спасувачки програми? „Иако Грција многу го подобри социјалното и економското ниво, сепак, 2015 и 2016 година беа изгубени години. Нашата економија не е способна брзо да се прилагоди како што бараат кредиторите”, објаснува Панајотис Петракис, професор по економија на Универзитетот во Атина.

 

„Барањата на Тројката ги уништија придобивките од структурните реформи и имаме највисоки каматни стапки во Европа.

 

Ако кон ова го додадеме и фактот дека последниве години се намалени социјалните бенефиции, тоа предизвика зголемување на сивата економија “, дополнува Петракис.

 

Два дена земјата е во штрајк, иако грчкиот парламент треба да одобри нови мерки, барани од меѓународните кредитори за да продолжат со третиот спасувачки план. Поради тоа поморскиот транспорт и медиумите низ целата земја вчера почнаа дводневен штрајк, а дел закажаа протести против мерките за штедење.

 

 

Грчките синдикати одлучија да го поддржат заедничкиот штрајк, прогласен од Конфедерацијата на работниците (GSEE) и синдикатот на државните службеници АДЕДИ. Меѓу мерките што тројката ги бара и против кои протестираат Грците се намалување на пензиите од 2019 година, значително намалување на субвенциите за луѓето со физички хендикеп, како и зголемување на даноците.

 

Владата на премиерот Алексис Ципрас треба да ги одобри мерките пред следната средба на министрите за финансии од еврозоната закажана за 22 мај.

На оваа средба, која ќе се одржи во Брисел, ќе се одлучи дали да ќе биде деблокиран третиот спасувачки пакет.

 

Одобрението ќе зависи од способноста на Грција да се справи со исплатата на долгот од 6.650 милијарди долари, кој пристига во јули. Иако е тешка ситуација, економските аналитичари не губат надеж. Влегувањето на Грција во рецесија беше делумно испровоцирано од несигурноста во врска со спасувачката помош, вели Хауард Арчер, економист од Хис Маркит.

 

„Постигнатиот договор меѓу Грција и кредиторите на почетокот на мај е охрабрувачки.

Во момент кога доверителите ја одобруваат последната кредитна инјекција за Грција, Европската комисија се надева дека грчката економија до крајот на годината ќе се зголеми за 2,6% “, вели Арчер.

Професорот Петракис е оптимист, но не го дели ентузијазмот на тројката и Грчката централна банка

„Сигурен сум дека сме ја научиле лекцијата и сметам дека не треба да ја пропуштиме оваа можност. На добар пат сме”, смета тој.(Макфакс)

Loading...