Првпат на македонски познатата латвиска писателка Инга Абеле

Издавачката куќа го најавува објавувањето на романот „Плима“ од латвиската писателка Инга Абеле. Книгата е добитник на наградата на Балтичката асамблеја. Преводот на македонски е на Елизабета Божиноска, а е поддржан од Латвиското друштво на писатели.

 

Раскажана во помалку или повеќе обратен хронолошки ред, „Плима“ е психолошка драма за Иева, нејзиниот љубовник, интровертниот сопруг и за начинот на кој нивните младешки одлуки драматично влијаеле врз остатокот од нивните животи.

Освен овие ликови, читателот попатно се запознава и со мајката на Иева, нејзината ќерка, а површно и со нејзиниот брат Павилс и неговото семејство. Сите тие играат улога, колку и да е таа мала, врз развојот на психата на Иева и патот што таа го следи. Стравот и вознемиреноста на Иева, кои читателот ги насетува низ целиот роман, се истите оние страв и вознемиреност што ги чувствуваат многумина во историјата, но особено во модерниот свет со променлива динамика во кој неочекуваното ни се втурнува во животите и нè спречува целосно да се реализираме и да бидеме исполнети.

Освен на наградата на Балтичката асамблеја, Инга Абеле е добитничка и на многу други книжевни награди, а за неа критиката вели дека „има ретка способност да го открие оној егзистенцијален амбис под површината на секојдневното живеење“.

Родена во 1972 година, таа е една од најпопуларните и најнеконвенционалните латвиски писателки. Пишува романи, поезија, драми и раскази. Ја опишуваат како еден од најважните латвиски писатели поради уникатниот стил и актуелните теми. Нејзините книги се преведени на неколку европски јазици./извор:Макфакс

спонзориран линк:

(adverts)