Филмот „La La Land“ со најмногу номинации за Златен глобус

Во трката за Златните глобуси кои ќе се доделуваат во неделата ноќта со најмногу номинации влегуваат музичката комедија „La La Land“ и двете драми за растењето „Moonlight“ и „Manchester By The Sea“.



Романтичната приказна за млада актерка во подем и џез музичарот, „La La Land“ предводи со седум номинации во категориите за мјузикли и комедии. Во истата категорија се номинирани и „20th Century Women“, филм за трите жени во потрага по љубов и слобода во Јужна Калифорнија кон крајот на 1970-те, потоа „Florence Foster Jenkins“ и филмот за њујоршка наследничка која сонувала дека ќе стане оперска дива со Мерил Стрип и Хју Грант во главните улоги. Кандидати се и „Sing Street“, филм за момченце кое во 1980-те расне во Даблин и филмот за супер јунакот со мрачна смисла за хумор „Deadpool“.

Во категоријата најдобри драми предводи „Moonlight“, филм за созревањето на сиромашно црно момче, со шест номинации, а со пет номинации го следи „Manchester By The Sea“, драма за чичкото кој ја презема грижата за внукот. Во истата категорија се номинирани и „Лав“, филм за петгодишни кој се губи на улиците на Калкута, „Hell Or High Water“, филмот за разведениот татко и неговиот брат поранешен затвореник, кои се обидуваат да го спасат семејниот ранч во Западен Тексас, како и „Гребенот на спасените“, воена драма во режија на Мел Гибсон за првиот војник во Втората светска војна кој одбил да носи оружје.

Режисерот на „La La Land“, Демиен Шазел кој е номиниран во категориите за најдобар режисер и за најдобар сценарист, а Ема Стоун и Рајан Гослинг за најдобри главни улоги во категориите мјузикли и комедии, а Николас Брители за најдобра музика, додека Џастин Харвиц за најдобра нумера за „City Of Stars“.

Покрај Ема Стоун, во категоријата најдобра актерка во комедија конкурираат Анет Бенинг од „20th Century Women“, Лили Колинс во „Rules Don’t Apply“, Хејли Стејфелд во „The Edge of Seventeen“ и осумкратната добитничка на Златен глобус Мерил Стрип во „Florence Foster Jenkins“.

Во категоријата најдобра главна машка улога во комедија номинирани се, покрај Гослинг, и Колин Фарел во „Јастог“, Хју Грант во „Florence Foster Jenkins“, Џонах Хил во „Пци на војната“ и Рајан Рејнолдс во „Deadpool“.

За Златните глобуси во конкуренцијата на драми во категоријата за најдобра главна машка улога конкурираат Кејси Афлек во „Manchester By The Sea“, Ендрју Гарфилд во „Гребенот на спасените“, Џоел Идгертон во „Loving“, Виго Мортенсен во „Captain Fantastic“ и Дензел Вашингтон во „Fences“. Додека во женската конкуренција номинирани се Натали Портман во „Jackie“, Ејми Адамс во „Доаѓање“, Џесика Частејн во „Miss Sloane“, Изабел Хаперт во „Elle“ и Рут Нега во „Loving“.

Кандидати за најдобра споредна улога кај актерите се Махершала Али во „Moonlight“, Џеф Бриџис во „Hell or High Water“, Сајмон Хелберг во „Florence Foster Jenkins“, Дев Пател во „Lion“ и Аарон Тејлор-Џонсон во „Ноќни животни“, а кај актерките Виола Дејвис во „Fences“, Наоми Харис во „Moonlight“, Никол Кидман во „Lion“, Октавија Спенсер во „Hidden Figures“ и Мишел Вилијамс во „Manchester by the Sea“.

Покрај Шазел во категоријата најдобар режисер номинирани се и режисерите на филмовите „Moonlight“ и „Manchester By The Sea“, Бари Џенкис и Кенет Лонерган , како Том Форд за „Ноќни животни“ и Мел Гибсон за „Гребенот на спасените“.

За најдобар филм на странски јазик конкурираат „Toni Erdman“ на германската режисерка Маден Аде, добитник на пет награди на Европската филмска академија, „Neruda“ на чилеанскиот режисер Пабло Ларина за славниот поет и политичар добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата Пабло Неруда, двата француски филма „Elle“ и „Divines“, како и француско-иранската копродукција „The Salesman“ на иранскиот режисер Ашгар Фахради.

Во телевизиските серии меѓу номинираните се драмските серии „Игра на престолите“, „Тоа сме ние“, „Чудни нешта“, „Вестерворлд“, „Круна“, и комедиите „Помалку црно“, „Транспарентно“, „Потпретседателка“, „Атланта“ и „Моцарт во џунглата“, како и мини сериите „Ноќен менаџер“, „Гардеробер“, „Кобна ноќ“, „Американско злосторство“ и „Народот против О.Џ. Симпсон“.

На доделувањето на наградите за најдобри филмски и телевизиски остварувања ќе му претходи вообичаеното дефиле на црвениот тепих на ѕвездите. Шоуто ќе го води комичарот Џими Галон со помош на многуте ѕвезди како Стив Карел, Мет Дајмон, Виола Дејвис и Никол Кидман.

Наградата Сесил Б. ДеМил за животно дело ќе ја прими Мерил Стрип , која осум пати е добитничка на Златни глобуси покрај триесетината номинации кои многумина ја сметаат за показател и најава за оскарите, најпрестижната награда во филмската уметност во САД./извор:Макфакс

спонзориран линк:

(adverts)