Во аргентинското електронското списание eSEFARAD објавен втор расказ од Томислав Османли на ладино

Расказот „Небото на Сукот“ на македонскиот автор Томислав Османли во превод на ладино деновиве е објавен во неделното електронско списание „eSefarad”, меѓународна електронска публикација за афирмација на сефардската култура, со седиште во Аргентина.

 

 

По објавата на расказот „Базен“ пред четири месеци, Шапоре Бланко, инаку истакната преведувачка од повеќе европски јазици на ладино која живее и работи во Истанбул, Турција, до редакцијата во Буенос Аирес сега го испрати и расказот „Небото на Сукот“( El sielo de Sukot) на македонскиот автор. Двата расказа се дел од прозната збирка книгата „Светилка за Ханука“ на Османли.

Расказот „Небото на Сукот“ е почетниот прозен текст од наградената книга на Османли. Во него, едвај полнолетната Нина, на еврејскиот празник Сукот – на кој се чествува страдањето на Мојсеј и неговите сонародници во текот на четириесетгодишното талкање при потрагата по Ветената земја – живо се присетува на славјата на овој и другите празници, на топлината и тивките драми во својот дом, и на својата прва љубов…една пролетна квечерина, само што пристигната во логорот на смртта Треблинка.

Досега, Шапоре Бланко превела неколку раскази и новели од нашиот автор на овој особен јазик. Тие беа објавени најнапред во списанието Los Muestros кое во печатена и во електронска форма до неодамна се објавуваше во Брисел, потоа во аргентински eSefarad, и во електронскиот форум Sefaradimuestro којшто го уредува Шапоре Бланко во Истанбул.

Неодамна истиот расказ, во превод на Билјана Билјановска, беше објавен во италијанското електронско списание BombaGiu, додека ова е втора објава на расказот на Османли на јудео-шпански јазик или ладино, во сосем различен медиум. Ладино или јудео-шпански е јазикот на сефардските Евреи, население коешто по прогонот од Шпанија и Португалија кон крајот на XV век па сѐ до холокаустот во Втората светска војна, населувало поголем број градови на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, како и повеќе градови на Блискиот исток.

За ова свое книжевно остварување чии прозни повести не престануваат да се објавуваат на различни места, медиуми, и на различни јазици, Томислав Османли своевремено ја доби домашната награда „Мајстор на прозата“.

Книгата „Светилка за Ханука“ првпат беше објавена 2008 година, во издание на Форум, како двојазично издание, на македонски и на англиски јазик. По вторпат збирката раскази на македонски илезе пред две години во издание на „Икона“ исто така од Скопје. Двете изданија се веќе исцрпени./извор:Макфакс

спонзориран линк:
Loading...