ОД НАКОЛЕЦ ДО ГОЛЕМ ГРАД

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРЕСПА

Наколец е село кое е дел од преспанската и од македонската вистина. Тоа се наоѓа во Преспа, на брегот на Преспанското Езеро и во пазувите на Баба Планина, на македонска земја, а само неколку километри северно од границата меѓу Република Македонија и Република Грција. Тоа е типично македонско, преспанско, повеќенационално и печалбарско место од кое, како и од голем број села покрај Преспанското Езеро многумина заминале и за секогаш се задомиле во САД, Канада, Австралија, Европската Унија и други земји ширум светот.

 

Меѓутоа, одреден број иселеници, каков што е случајот со Васил Јанкуловски чија цел за враќање беше кристално чиста за доаѓање во Наколец - неговото родно место, кое него и другите ги привлекува со невидена сила, за да воздивнат во своите стари домови, ги реновираат старите или да изградат нови куќи, да ги обновата спомените од младоста, да завршат со староста и да остават вечни траги за идните генерации.

Наколец се наоѓа во Долна Преспа, крајот кој не случајно често го нарекуваат македонска ,Калифорнија, бидејќи таа голема рамнина е полна со плантажи од јаболка. Долна Преспа во која припаѓа и Наколец е вистински резерват на илјадници птици, риби животни и голем број растенија. Богатата флора и фауна го прават уште попривлечен овој крај.

Преспа е единственото место во светот каде што живеат толку многу пеликани на едно место. Затоа деновите во Преспа си личат еден на друг: си минуваат неосетно, така што тешко можат да се разликуваат годишните времиња. Единствен знак на распознавање е доаѓањето и заминувањето на птиците, како и промените на боите на почвата, цветовите и плодовите на овошките. Спектарот на боите што се пренесува преку питомите води на Преспанското Езеро е раскошен во секој временски период, што е резултат на мошне благата клима, со минимална влажност. Затоа со право се вели дека Долна Преспа е еден вид „Рај на Земјата“.

За жал, преселничките процеси си го направија своето. Слично или идентично како во многу македонски, особено крај езерските и под пелистерски села голем број се иселија за секогаш, но кај нив е останата постојаната желба пак да се вратат во родното место.

Наколец е езерко место во кое во зависност од долгите временски и вековни термини водата на Преспанското Езеро ги заплискуваат куќите, или ги оставаат како островски простори.Тоа е дел од Преспанското Езерои еден вид „порта“ кон островот Голем Град, кој рибарите од Наколец го користеле како рибарско место со години.

Инаку, островот Голем Град, или како рибарите го нарекуваат Змиски Остров е најголемиот природен остров во Република Македонија. Голем Град или Св. Петар, според археолозите, се наоѓа на југозападниот дел од Преспанското езеро. Настанал како резултат на дамнешните тектонски поместувања, кога под дејство на силни земјотреси дошло до одвојување на дел од соседните карпи. Поради неговата природна реткост, дива и мистична убавина, островот претставува едно од најубавите места во светот. Денес искачувањето на островот е можно само на две места, на северозападниот и на југоисточниот крај, каде постојат мали плажи и пукнатини во карпите до кои може да се пристигне со чамец.

Опкружувањето со големата количина на вода, геолошката подлога и близината на медитеранот овозможиле на островот да владее посебна микро клима која е причина за појава на богата и ретко распространета вегетација, во која доминираат јужноевропските флорни елементи. Оваа природна реткост со високи карпести рабови и специфична клима обилува со разновидни ендемични растенија. Најмногу е застапено шумското растение Фоја што вирее и на самите карпи и претставува реткост. Заради бавното растење се претпоставува дека најголемите стебла се постари од илјада години.

Интересно е да се спомене дека во текот на деведесетите години на Преспанското Езеро, покрај другите птици долетуваа и лебеди. Во јата од 4-8 птици доаѓаа напролет или наесен и се задржуваа по два – три месеци. Во споредба со пеликаните, лебедите се припитомуваат, најмногу преку давање храна. Нивната грациозност ја надминуваше убавината на долгоклунестите пеликани.

Меѓутоа, пеликанот може да биде еден елемент на симболите, во името на богатата фауна во овој крај. Пеликанот како една од најкрупните птици кои егзистираат на вода, главно во потоплите краишта, кај нас го има единствено на двете Преспански езера (Големото и Малото). Оваа птица во Преспа си организира секоја година шестмесечен престој (Април – Октомври) во јата од над сто птици. Другиот годишен период го минува во јужните предели на земјината топка.

Пролетното долетување на овие бели птици со големи клунови не е многу забележливо, но за време на есенската преселба, тие се собираат во јата и по еднодневно кружење над Преспанската котлина, се упатуваат кон своите зимувалишта. Пеликанот не нурка под водата, а само плива на површината. Со силниот инстикт ги открива јатата со риби и штом ќе долета на целта, до него слетуваат јата корморани, кои гонејќи ги рибите со нуркање создаваат заедничка трпеза за исхрана. Навистина многу интересна појава.

На островот Голем Град има два вида на змии. Во карпите до водата живее змијата белоушка, која не е отровна. Во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок. Правени се обиди за нивно уништување со ежови (1949 година) и мунгоси (1967 година), но поголем успех не беше постигнат.

Голем Град е единственото копно во Република Македонија опкружено со вода на кое природните услови во содејство со човековите активности создале уникатна природа.

Заради специфичните геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато, за островот Голем Град се преземени мерки за заштита. Затоа, Голем Град е прогласен за строг природен резерват

На островот на релативно мала површина сконцентрирани се голем број културни историски споменици и природни вредности. Затоа, освен за љубителите и проучувачите на природата, островот Голем Град е едно од најатрактивните места за оние чии интересирања се насочени кон откривањето и исражувањето на остатоците на населбите од минатото. Се верува дека во 10. век островот бил резиденција на цар Самуил.

Таму се наоѓа сочуваната црква „Свети Петар“ од 14 век, средновековната црква „Свети Димитрија“,од крајот на IV и почетокот на V век, каде се откриени остатоци од поден мозаик. Подолг период се вршени археолошки истражувања на островот, каде се откриени остатоци уште на две ранохристијански цркви (4-5 век) а се раскажува дека на островот некогаш имало седум цркви и тоа: „Свети Петар“, „Света Богородица“, „Свети Атанас“, „Свети Димитрија“, „Свети Ѓеорѓи“ и „Свети Илија“ што укажува на фактот дека островот бил густо населен.

Островот Голем Град е прогласен за строг природен резерват и е дел од националниот парк Галичица. Од 2008 година по 30 години тој е повторно отворен за посетители, за егзотични патувања, бидејќи островот е идеална дестинација.

Продолжува



Пишува: СЛАВЕ КАТИН www.slavekatin.com

Фото: Википедиа/MartinDimitrievski

Loading...