ЗНМ e загрижена поради опасноста МПМ да ги згасне 4-те весници и другите изданија

Здружението на новинарите на Македонија е сериозно загрижено поради опасноста Медиа принт Македонија (МПМ), која поседува четири весници, еден магазин и еден интернет портал, да оди под стечај.

 

„Намерата на сопствениците и менаџерите на МПМ не е да ја решат кризата во компанијата туку полека да ги згаснат весниците преку постојано отпуштање на новинарите. Тоа не претставува само кршење на работничките права на новинарите туку е и удар врз слободата на медиумите.

Обидите за преземање на дел од вработените во новата сестринска фирма преку огласи претставува понижување за новинарите и опасност за отпушање на неподобните.

Менаџментот нема храброст да признае дека неуспехот на компанијата е негов неуспех. Наместо да ги отстранат причините што ја произведоа кризата, тие брутално се пресметуваат со новинарите.

Драстичното намалување на тиражите на весниците и на приходите од огласи е поради погрешните политики на менаџментот на компанијата, кои преку послушни уредници некритички ги поддржуваа политиките на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ.

Тивкото пропаѓање на МПМ е најдобар пример дека партискиот печат во Македонија нема иднина. Само слободното и професионално новинарство може да создаде самоодржливи медиуми, кои одговорно ќе ја одиграат нивната улога во демократијата, да ги информираат граѓаните и да ја контролираат власта“, се вели во соопштението на ЗНМ.

ЗНМ се солидаризира и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во нивните барања да се почне дијалог помеѓу синдикатот и менаџментот на МПМ со цел изнаоѓање одржливо решение во интерес на сите./извор:Макфакс

Loading...