Димитров гo претстави Планот „3-6-9“ во Центарот за европски политики во Брисел

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров е во работна посета на Брисел каде ги промовираше реформските приоритети на новата Влада во Центарот за европски политики.

 

Димитров на средбата информирал дека Планот „3-6-9“ е всушност патоказ кој предвидува конкретна динамика на активности кои треба да овозможат дофатлива европска перспектива.

-Нашите потфрлувања треба да бидат нотирани, но нашите успеси треба да бидат вреднувани. ЕУ може да направи квалитативен исчекор и разлика во регионот. За да успее во таа цел, мора да понуди „стап” кога ќе потфрлиме, но и „морков” кога ќе заслужиме. Во меѓувреме, мора да останеме искрени и при наградувањето и при критикувањето. ЕУ треба да демонстрира лидерство во политиката кон Балканот. Тоа е и можно и нужно затоа што местото на Балканот е во ЕУ – истакна Димитров.

Тој додаде дека новата реформска влада е ориентирана кон иднината и дека ќе гради нов имиџ на модерна демократска држава, во која институциите постојат за граѓаните, а не за елитите.

Димитров утре ќе ко-претседава со Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и РМ заедно со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија Федерика Могерини, со учество на заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Бујар Османи и евро-комесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан.

Извор: Мета.мк

Loading...