Пукање во Македонија - има ранети

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица и денеска продолжува со увидот на колски пат, во близина на Градската капела кај Струмица, каде што синоќа полицаец со истрел од службено оружје повредил двајца малолетници.

 

Според првичните информации, до инцидентот дошло кога екипи од СВР Струмица се обиделе да го сопрат возилото во кое биле двајцата малолетници, а за кои претходно било пријавено дека се обиделе да извршат кражба на чамец во близина на браната Мантово.

Малолетниците на два пати ја избегнале полициската патрола и не застанале, а потоа биле пресретнати од друго полициско возило на споредниот пат кај Градската капела. И натаму се работи на расветлување на начинот на кој дошло до пукањето од службениот полициски пиштол, при што биле повредени и двајцата малолетници.

Едното малолетно лице со посериозни повреди и прострелна рана во градниот кош уште синоќа беше префрлено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје, додека над вториот малолетник е извршен оперативен зафат во болницата во Струмица и тој се наоѓа во добра општа состојба.

По наредба на надлежниот јавен обвинител, а заради обезбедување на непристрасност во постапката, во увидот се вклучени екипи од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи од Скопје. Притоа се издадени наредби за анализа на биолошки траги, балистичко вештачење, како и вештачење на папиларните линии подигнати на лице место. Од сите инволвирани земени се примероци од крв и урина и парафински ракавици. Полицаецот од чие оружје било пукано е задржан во ПС Струмица. Во текот на денот, во Основното јавно обвинителство – Струмица на записник ќе бидат сослушани сведоци на настанот.

Постапката за целосно расветлување на настанот продолжува.

 

Loading...