Дождот изгасна дел од пожарите во Македонија

По врнежите од дожд кои од утринските часови ја зафатија земјата, дел од пожарите се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

 

Сепак, на територија на Македонија уште се активни неколку пожари.

Како што информира ЦУК, пожарот во близина на манастирот Трескавец и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село, е под контрола. Гори сува трева во правец на село Забрчани. На терен има екипа од ТППЕ Прилеп со едно возило и тројца пожарникари. Пожарот е далеку од манастирот Трескавец и нема опасност по него.

Пожарот во близина на селата Крушевица и Бонче е под контрола. Денес е планирано екипите повторно да се вратат на терен за проверка и целосно локализирање на пожарот.

Пожарот кај село Никодин е ставен под контрола. Во правец на село Фариш ангажирани се осум вработени од ШС „Црн Бор“ – Прилеп.

Шумскиот пожар во атарот на село Норово, Крушевско е под контрола. Гори сува трева и ниско дабова шума. Се очекува во текот на денот екипите повторно да се вратат на терен. Во зависнот од процените, постои можност за ангажирање на поддршка од воздух со авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во 07 часот утринава, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Крушево извести дека на терен од 05 часот се нивни екипи со едно возило со тројца пожарникаеи. Екипи има и од ШС „Липа“, ЕЛС и ЈП Комуна и месно население.

Пожарот кај месноста Фрлогоец на Бистра Планина е под контрола. Гори пасиште, сува трева и смрека, и ниско стеблеста деградирана дабова шума.

 

Loading...