Ѓорѓиевски: Оливер Спасовски и МВР два дена молчат за пукањето врз две деца во Струмица

Оливер Спасовски правеше спектакл од неиспран автомобил, а сега се крие и го нема да изусти барем збор на сочувство за двете деца кои беа застрелани заради непрофесионалноста и неспособноста на неговата партиска полиција. 16-годишно момче уште се бори за живот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, а Оливер Спасовски се крие и не одговара на барањата за смена на началникот Трајанчо Пројковски одговорен за полицијата која скандалозно пукаше во деца, обвини денеска Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

 

„Ова е најдобар показател за лицемерието и животот што го најавуваше Заев. Поважен му е мерцедесот, отколку два животи на две деца, застрелани токму заради неодговорното и непрофесионално работење на нивните партиски кадри. Оливер Спасовски и МВР два дена молчат за пукањето врз две малолетни деца во Струмица. Граѓаните очекуваат санкции и крај на полициската бруталност“, рече тој.

Според него, кога СДС е на власт и управува со МВР, криминалот зема замав, а страдаат граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека заради неспособноста, СДС ќе го пренесе хаосот во институциите. Тој хаос во полицијата загрозува животи. Тоа е директна вина на СДС со нивните кадровски политики во МВР, разрешувањето на докажани професионалци и на нивно место назначување на партиски кадри кои со нивното раководење во службите сериозно ги загрозуваат мирот и безбедноста“, рече Ѓорѓиевски.

ВМРО-ДПМНЕ бара од Спасовски веднаш да го смени началникот на струмичката полиција.

 

Loading...