Кремљ: Хакирањето на Трамп е апсолутна бесмислица

Кремљ во средата реагираше на тврдењата на американското разузнавање дека руските функционери имаат компромитирачи материјали за новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп нарекувајќи ги апсолутна бесмислица но предупреди дека тоа е уште еден обид на администрацијата на заминување уште повеќе да ги влоши односите меѓу двете земји.


Американската телевизија CNN, повикувајќи се на неименувани американски функционери, објави ноќта кон средата по средноевропско време, дека Русија наводно поседува компромитирачки материјали за новиот американски претседател Доналд Трамп. Овие информации, наводно, биле содржани во извештајот на американското разузнавање за руското вмешување во изборниот процес во САД, кој им бил претставен и на претседателот на заминување и на новоизбраниот.

Според прилогот на CNN, точни потврди за овие претпоставки разузнавачката заедница не добила, но како што претходно на сослушувањата во Сенатот изјавија челниците на агенциите, било „забележано“ дека „Русите го хакирале Трамп, но не објавиле документи.

Телевизијата објави и дека компромитирачките докази ги собирал поранешен припадник на британското разузнавање, а неговата група ја финансирале ривалите на Трам на предизборите во Републиканската партија, а потоа и на националните избори.

„ Станува збор за целосна измислица, и според мене квалитетот на тој извештај доволно говори за себе… Кремљ не поседува компромитирачки информации за Трамп, таквата информација не соодветствува со вистината и е не претставува ништо повеќе од апсолутна бесмислица“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според него, станува збор за документ кој е измама смислена за дополнително да се влошат односите меѓу САД и Русија, до чие заладување на ниво на она од Студената војна дојде во последните години од мандатот на американскиот претседател на заминување Барак Обама.

Песков, исто така, ги отфрли и наводите дека тој лично бил вклучен во наводната руска кампања чијашто цел била да се дискредитира поразената демократска кандидатка Хилари Клинтон.

„На тоа морате да реагирате со одредена доза на хумор… Но тука постои и тажната страна. Се создава хистерија од оние кои се излезени од својата кожа за да се одржи политичкиот лов на вештерки“, истакна портпаролот на рускиот претседател.

Според него ваквата хистерична ситуација им е потребна на оние коишто сакаат по секоја цена да издејствуваат односите меѓу двете земји да остана на ниско ниво и „да не му дозволат никому да се запраша како да се задоволат интересите на двете страни, на меѓународната заедница и што е можно повеќе да се стори за сегашната тотална конфронтација да премине во конструктивизам во односите“.

Песков истакна дека новите американски санкции за рускиот и гасниот сектор ќе ѝ наштетат на Русија, на билатералните односи и на светската економија. Рускиот енергетски сектор дефинитивно би добил отштета, доколку тавите санкции се спроведат, порача Песков.

Се осврна и на кандидатот за државен секретар во новата американска администрација Рекс Тилерсон, кој во средата ќе биде сослушуван од комисиите во конгресот, нарекувајќи го конструктивна личност која е подготвена да слуша, но која ќе биде и цврст раководител.

Кремљ не е загрижен од извештаите дека Тилерсон на сослушувањето ќе изјави дека Русија ја смета за закана, додаде Песков. Тој запрашан за коментар во времето кога беше објавено именувањето на Тилерсон изјави дека „Кремљ смета оти станува збор за професионалец“.

Доналд Трамп го избра претседателот на извршниот одбор на најголемата нафтена американска компанија „ExxonMobil“, Рекс Тилерсон за државен секретар во својата администрација Тилерсон е на чело на „ExxonMobil“ од 2006 година. Во 2011 година тој го потпиша договорот со рускиот нафтен гигант „Роснефт“ за истражувања во Арктик.

Во 2014 година „ExxonMobil“ мораше да ги суспендира своите активности во споменатиот проект, поради американските санкции против Русија поради нејзината наводна улога во украинската криза. Тилерсон, притоа ги критикуваше потегот на американскиот претседател на заминување Барак Обама, изразувајќи сомневање во ефикасноста од споменатите санкции./извор:Макфакс

спонзориран линк:
Loading...