Почнаа претседателските избори во Иран

Претседателски избори се одржуваат во петок во Иран, први во земјата откако во јули 2015 година беше склучен историскиот нуклеарен договор со големите сили.

 

На актуелниот шеф на државата Хасан Рохани главен противник му е конзервативецот Ебрахим Раиси, близок до иранскиот врховен верски лидер Али Хаменеи.

Меѓу првите во петок наутро гласаше Хаменеи, кој ги повика Иранците да излезат на избори со порака дека „иднината на Иран е во нивните раце“.

Изборите имаат карактер на референдум бидејќи Иранците треба да ја потврдат умерената политика на 68 годишниот Рохани, кој е на власт од 2013 година.

Во Иран околу 56 милиони гласачи ќе гласаат на 63.000 гласачки места.

Една од централните теми на изборите се економски прашања. Рохани водеше преговори со шесте големи западни сили околу нуклеарната програма на Иран, а тие преговори резултираа со делумно укинување на меѓународните санкции за Иран.

Противникот на Рохани, конзервативецот Раиси(53), ги обвини иранските преговарачи за нуклеарната програма за „слабост“, но договорот не го доведе во прашање.

Во случај ниту еден кандидат да не освои 50 отсто од гласовите, ќе има втор круг.

Според неофицијалните предизборни анкети, Рохани има предност./извор:Макфакс

Loading...

JT Fixed Display