Пентагон тестирал „јато“ од стотина дронови со вештачка интелигенција

Американското министерство за одбрана неодамна тестирало групација од 103 мини беспилотни летала, остварувајќи напредок во производството нов вид оружје пред коешто, тврдат воените стратези, стои „убава“ иднина, соопшти во понеделникот Пентагон.


Благодарејќи на напредокот во создавањето вештачка интелигенција, сега веќе може да се размислува за создавање групација мини роботи кои може заедно да дејствуваат под водство на човек, сметаат американските воени експерти.

Воените стратези предвидуваат „сјајна“ иднина за овие „јата“ од дронови, чиешто производство не е скапо, а нивната предност е во бројноста со којашто може да ја совладаат непријателската одбрана.

Пентагон во октомври ја тестирал групата од 103 мини дронови долги околу 16 сантиметри, која ја испуштиле од три борбени авиони „F/A-18 Super Hornets“, се наведува во соопштение на Пентагон. Во текот на тестирањето, мини дроновите „Perdix“ покажале способности од кои може многу да се очекува, додава истиот извор.

Беспилотните летала „Perdix“ сочинуваат „целина чиишто делови имаат заеднички ум“, толкува Вилијам Ропер, шеф на Службата за стратешки капацитети (SCO) на Пентагон, се додава во соопштението.

„Имајќи предвид дека секој Perdix комуницира и соработува со сите други дронови, групата нема водач и лесно се прилагодува доколку ѝ се приклучи ново летало или доколку, напротив, некое ја напушти, на пример да е урнато“, вели Ропер.

SCO е служба во Пентагон којашто ја основаше сегашниот министер за одбрана, познат како технофил Ештон Картер, додека беше втор човек во ресорот. Задачата на оваа служба е со мал број луѓе, но врвни стручњаци, да ја забрза примената на технолошките иновации на оружјето на Пентагон./извор:Макфакс

Loading...

JW Player
JT Fixed Display