Ново откритие – стаклени батерии што може да ја складираат енергијата на ветерот и Сонцето

Пронаоѓачот на литиум-јонските батерии, 94 годишниот Џон Гуденаф, дојде до ново важно откритие – стаклени батерии кои можат значително да го подобрат проблемот со складирањето на електричната енергија.

 

Новиот изум на Гуденаф го привлече вниманието на гигантите во технолошкиот сектор, пренесува во вторник Bloomberg.

Ерик Шмит, директор на Aplphabet, навел на Twitter дека Гуденаф ги развил првите батериски ќелии кои се целосно во цврста состојба.

Гуденаф тврди дека стаклените батерии имаат три пати поголема енергетска густина од литиум-јонските батерии.

Новата и моќна генерација на батерии може да се направи само од стакло, се наведува во текстот на Гуденаф и неговиот тим.

Тие можат да складираат и пренесуваат енергија на пониски температури од литиум-јонските, а можат да се направат од натриум, што на Земјата го има во изобилство, наведува Bloomberg.

Гуденаф и неговиот тим навеле дека се „безбедни и евтини целосно цврстите ќелии, со големиот капацитет што го имаат со оглед на големата енергетска густина и со долгите животни циклуси погодни за напојување на електричните возила или за складирање на електрична струја од енергијата на ветерот и Сонцето“.

Пронаоѓачите работат на неколку патенти и бараат партнери меѓу производителите на батерии, иако стручњаците велат дека е долг патот од лабораторијата до фабриката.

За литиум-јонските батерии на Гуденаф беа потребни 11 години за почеток на комерцијалното користење во 1991 година.

„Веруваме дека нашето откритие решава многу проблеми со кои се соочуваат денешните батерии“, вели Гуденаф во соопштението.

Loading...