Откриена нова планета на која може да има живот

Научниците откриле една нова планета која спаѓа меѓу малобројните вселенски тела на кои би можел да се развие некаков облик на живот, пренесе во четврток магазинот „Nature“.

 

„Не можевме да најдеме подобра цел во потрагата по докази за живот надвор од Земјата“, рече за ова откритие коавторот на студијата Џејсон Дитман од Центарот за астрофизика во Кембриџ, САД.

Оваа интересна планета наречена “LHS 1140b”, се наоѓа во орбитата на една ѕвезда во соѕвездието Кита, оддалечено од Земјата 40 светлосни години, односно 378.400 милијарди километри.

Оваа планета не е прв „роднина“ на Земјата што ја откриле астрономите, но има „многу предности“, рече Хавиер Бонфис, кој признава дека е многу возбуден заради ова откритие.

Орбитата на оваа „егзопланета“ се наоѓа во насе зона на орбитата околу ѕвездата, односно на „вистинска оддалеченост од неа, што овозможува на површината да има течна вода, што е неопходно за живот“, рече Дитман.

Оваа планета има пречник 1,4 пати поголем од пречникот на Земјата и шест пати поголема маса, а астрономите заклучиле дека е карпеста, исто како Земјата.

„Да се надеваме дека има атмосфера“, рече Бонфис, астроном во Научната опсерваторија на Универзитетот во Гренобл.

За евентуално да пронајдат живот, научниците бараат планети слични на Земјата и во февруари оваа година соопштија дека откриле седум такви планети, од кои е можно на три на површината да има вода во течна состојба.

Овие планети ротираат околу џуџеста ѕвезда наречена “TRAPPIST-1”, а новооткриената планета “LHS 1140b” влезе на „врвот на оваа табела“, објавија научниците./извор:Макфакс

Loading...

JT Fixed Display