Новогодишната детоксикација може да е опасна

Британските лекари предупредуваат дека радикалните новогодишни детоксикации може да бидат извонредно штетни, се наведува во студијата објавена во стручното списание British Medical Journal.



Како пример притоа се наведува случајот на жена којашто минатата година самата се довела во животна опасност по детоксикација со растителни препарати, односно коктели од витамин Б, коран од валеријана, верваин, суритка, глутамин и теанин и пиење големи количества вода.

Оваа 47-годишна жена закрепнала дури по интензивното третирање во болница. Била хоспитализирана откако загубила свест и имала конвулзии. Тестовите покажале дека имала ризично ниско ниво на сол во организмот.

Иако се чини полезно да се исчисти организмот по претерувањето за време на новогодишните и божикните празници, овој концепт не е нужно здрав и нема поддршка во медицинската заедница, се истакнува во студијата.

„Прекумерното внесување вода како начин на ‘чистење на организмот’ се темели на погрешното верување дека на тој начин сето она што е штетно може ‘да се измие’ од организмот“, пишуваат британските лекари. Додаваат и дека, и покрај спротивните маркетиншки тврдења, растителните суплементи не се без нуспојави.

Од Британското диететско здружение додаваат дека целата идеја за детоксикацијата на организмот всушност е глупост.

„Не постојат волшебни апчиња, пијалаци, лосиони или фластери. Телото го сочинуваат бројни органи, како кожата, бубрезите и црниот дроб, кои постојано го прочистуваат организмот од главата до петиците. Организмот треба да биде хидриран, но премногу вода може да биде исто така опасно како и премалку. Иако звучи предвидливо, разумната исхрана и редовната физичка активност се најдобрата стратегија за одржување на здравјето“, заклучуваат и порачуваат британските лекари.

спонзориран линк:

(adverts)